Нереален лет на Домен Превц, далеку преку рекордот, но - не се брои!

Натпреварите во скијачки скокови на Зимските олимписки игри привлекуваат големо внимание, тие стигнаа до половина, најинтересното допрва доаѓа.

Досега завршија натпреварите на нормалната скокалница во машка и женска конкуренција, како и во мешани тимви. А сега возбудувањата се префрлуваат на главната скокалница.

Словенечката ѕвезда потфрли на нормалната скокалница, но тој е најсилен на големата, каде се остваруваат долгите летови.

Денеска се одржа официјалниот тренинг, а Превц изведе нереален лет во Предацо. Достигна далечина од 143,5 метри. Тоа е за дури пет метри подобро од моменталниот рекорд таму кој изнесува 138,5 метри.

Бидејќи станува збор за тренинг, резултатот на Превц нема да биде признаен како рекорд.

Сепак, ова е одлична најава за главното натпреварување и можностите на Словенецот од кој се очекува да доминира.

Скијачките скокови на големата скокалница на програмата се утре (сабота) со почеток од 18:45 часот.

Во недела на програмата се девојките, а скијачките скокови ќе завршат во понеделник со натпреварот во машки тимови.