Пред воопшто да дојде на „Енфилд“: Тешка повреда за скапото засилување на Ливерпул!

Ливерпул би можел да се соочи со сериозен проблем со еден од најскапите млади дефанзивци што ги обезбеди за иднината, откако Џереми Жаке заработи тешка повреда на рамото на синоќешниот натпревар меѓу Рен и Ленс (1-3).

Станува збор за 20-годишен стопер, кој на 1 јули 2026 година официјално ќе се пресели на „Енфилд“, кој лошо падна по еден воздушен дуел и во големи болки остана да лежи на тревата, додека лекарскиот тим му укажуваше помош. Сцените од теренот предизвикаа загриженост, не само кај Рен, туку и кај раководството на „црвените“, кои платија 70 милиони евра за неговиот потпис.

Тренерот на овој клуб по поразот не криеше дека ситуацијата не изгледа наивно.

„Жаке има проблем со рамото и тоа делува сериозно. Дополнителните лекарски прегледи ќе покажат колку време ќе му биде потребно за враќање на терените“, изјави стратегот на Рен.

Ливерпул сега со внимание ќе ја следи состојбата на дефанзивецот, кој беше означен како долгорочно решение во последната линија на англискиот гигант.