ЕХФ одговори на критиките: Ќе го промени распоредот на натпревари на идните Европски првенства
Од ЕХФ информираат дека распоредите за наредните шампионати ќе бидат прилагодени за да се овозможи подобар баланс меѓу натпреварите, деновите за одмор и патувањата, со што би се обезбедиле оптимални услови за сите учесници.
Федерацијата потенцира дека ваквите календари секогаш се подготвуваат многу однапред, во соработка со организаторите и дека распоредите со двојни натпреварувачки денови постоеле и на претходни шампионати.
За женското ЕП 2026, кое ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција од 3 до 20 декември, ЕХФ најави дека ќе се внимава деновите за патување и одмор да бидат јасно раздвоени.
Кај машкото ЕП 2028 во Шпанија, Португалија и Швајцарија, кое е закажано од 13 до 30 јануари, нема да има последователни натпреварувачки денови, односно екипите нема да играат два натпревари во два дена. И во овој случај, деновите за патување и одмор ќе бидат одделени.
Дополнително, за женското ЕП 2028 во Норвешка, Данска и Шведска, како и за сите идни првенства од 2030 година па натаму, ЕХФ води разговори со организаторите за воведување четвртфинална фаза.
Доколку оваа промена биде прифатена, максималниот број натпревари по екипа ќе остане ист – девет, но ќе се обезбеди најмалку еден ден одмор меѓу секој натпревар, а деновите за патување ќе бидат јасно одвоени.