Луда ноќ во НБА: Мареј трагичар на Денвер, Клиперси преродени, во Феникс - тепачка (ВИДЕО)

Екипата на Детроит пистонс направи големо изненадување и го совлада тимот на Денвер нагетс (109-107) во меч со неизвесна завршница, а клучниот удар го зададе искусниот Тоби Харис, кој со две слободни фрлања ја запечати победата.

Кејд Канингем повторно беше моторот на Пистонси со 22 поени и 11 асистенции, додека на спротивната страна трагичар беше Џамал Мареј – 24 поени и 10 асистенции, но и промашени слободни фрлања за продолжение. Одличен настап имаше и Јонас Валанчјунас (16 поени, 16 скока), а Денвер беше сериозно ослабен – без Никола Јокиќ, Браун, Кем Џонсон и повредениот Арон Гордон.

Во Феникс, пак, имаше тензии и тепачка! Ослабените Санс сепак ги совладаа слабите Бруклин Нетс (106-102), но мечот го одбележа голем судир на паркетот по кој судиите поделија дури шест технички грешки. Марк Вилијамс блескаше со 27 поени, Брукс додаде 26, а Грејсон Ален 18. Кај Бруклин, поранешниот играч на Денвер, Портер Џуниор, одигра меч на сезоната со 36 поени, но немаше никаква поддршка.

ЛА Клиперс на гостувањето кај Јута џез (115-103) продолжија да играат во голема форма – девет победи на последните 10 натпревари, а од Божиќ имаат најдобар скор во целата НБА. Кавај Ленард постигна 21 поен, Џејмс Харден запиша 16 поени и 10 асистенции. Кај „џезерите“ се врати Лаури Марканен, но беше очигледно „зарѓан“ – 19 поени со слаб шут, додека Јусуф Нуркиќ поради болест не настапи.

Оклахома сити тандерс без четворица важни играчи, меѓу кои Џејлен Вилијамс и Хартенштајн, лесно ги доби Њу Орлеанс Пеликанс (103-87). Шеј Гилџес-Александер не блескаше од игра, но беше совршен од линијата за слободни – 29 поени за минатогодишниот МВП. Чет Холмгрен додаде 20 поени, 14 скока и пет блокади. Имаше и тука тензии, но без исклучувања.

За крај – шоуто на Алекс Сар! Французинот одигра монструозна партија со 29 поени, 12 скока и шест блокади, со што Вашингтон визардс ја прекина црната серија и го совлада Портланд трејлблејзерс (115-111). Гостите имаа дури 23 скока повеќе, но Шејдон Шарп промаши шут за израмнување и покрај 31 поен. Дени Авдија се врати со 17 поени и 12 скока, додека Тристан Вукчевиќ и понатаму е повреден.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон – Портланд 115-111, Њујорк – Сакраменто 103-87, Оклахома Сити – Њу Орлеанс 104-95, Филаделфија – Милвоки 139-122, Денвер – Детроит 107-109, Феникс – Бруклин 106-102, Јута – ЛА Клиперс 103-115.

ФОТО: FB / Denver Nuggets