Шошкиќ уште еднаш најефикасен во големата победа на неговиот Стони Брук!

Еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, Андреј Шошкиќ, одигра клучна улога во новата победа на својот тим Стони Брук Сивулфс, постигнувајќи 20 поени и со кош во самиот финиш ставајќи печат на триумфот против Хофстра (76-71) во НЦАА-лигата.

Македонскиот плејмејкер беше најефикасен во својот тим, повторно предводејќи го во нападот. За 32 минути на теренот реализираше 20 поени, со одличен шут од игра 7/12, од кои 3/6 за три поени, а беше беспрекорен и од линијата за слободни фрлања (3/3). Настапот го заокружи со четири скока и три асистенции. Шошкиќ го отвори натпреварот со првите поени, а во драматичната завршница, на осум секунди пред крајот, погоди за конечна потврда на победата, откако Хофстра се закани со пресврт и од негатива од 13 поени се доближи на само минус три.

Триумфот има дополнителна тежина ако се знае дека Хофстра е второпласирана екипа во конференцијата и на мечот пристигна со серија од осум последователни победи. По овој успех, Стони Брук се искачи на седмата позиција во Костал Атлетик конференција со биланс од 10 победи и 9 порази.