Лазаров: Големи се очекувањата од нас, да победевме со Хрватска - ќе беа уште поголеми
Нашиот национален тим загуби од Хрватска во Пореч, во меч во кој постојано беше во негатива иако противникот играше со драстично изменет состав и со многу новајлии во репрезентацијата. Селекторот Кирил Лазаров не е разочаран од играта, но свесен е дека неговиот тим можеше и до победата.
„Промашивме пет пенали, три на почетокот, а така не може да се направи ништо. Имавме многу проблеми, имаме многу дупки, но се обидовме да направиме некои работи на најдобар начин, да се обидеме со некои нови сили. Ни недостасуваше, на пример, Лазаревски, но во ред... Нема да биде лесно, очекувањата од нас секогаш се големи, ќе беа уште поголеми ако денес победевме, но ќе се бориме“, рече Лазаров по мечот во Пореч.
Македонската репрезентација останува во Хрватска до 30 декември, потоа оди на турнир во Швајцарија по што следуваат завршните подготовки за Европското првенство.