Англија завиена во црно – 21-годишен фудбалер загина веднаш по одигран натпревар!
Младиот напаѓач го загубил животот во тешка сообраќајка во вторник вечерта, додека се враќал дома по одигран натпревар. Иронично, истата вечер неговиот тим славеше победа против Бедфорд Таун (2-1), но радост што многу брзо се претвори во шок и тага. Клубот од Чешир ја потврди трагичната вест со емотивно соопштение, во кое нагласи дека загубата е ненадоместлива – не само за тимот, туку и за целата клупска заедница.
„Итан беше исклучително талентиран и ценет член на нашиот прв тим. Неговата енергија, професионализам и карактер оставаа силен впечаток кај сите со кои работеше“, наведуваат од Маклсфилд.
Од клубот потенцираат дека Меклауд секогаш давал максимум и бил пример како на теренот, така и надвор од него, истакнувајќи дека неговата работна етика и позитивен дух биле инспирација за соиграчите.
„Веста за неговата смрт целосно нè скрши. Болката и празнината се огромни, но неговото наследство ќе живее засекогаш“, стои во продолжение од соопштението.
Маклсфилд ФЦ порача дека Итан Меклауд засекогаш ќе остане дел од клупското семејство, додека на крајот упати најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите блиски, најавувајќи целосна поддршка во овие тешки и болни моменти.