Фуксе Берлин пресилен за Веспрем, Висла Плоцк го шокира ПСЖ

Ракометарите на Фуксе Берлин ја запишаа и деветтата победа во Лигата на шампиони (ЛШ), откако вечерва го надиграа Веспрем со 38-34, додека ПСЖ на домашен терен загуби од Висла Плоцк со 29-30.

Веспрем даде голем отпор во првото полувреме против Фуксе Берлин, но замина на паузата со негатива од еден гол (18-19).

Големата борба продолжи и во вториот дел, а Веспрем во еден момент водеше и со 27-25, но Фуксе Берлин влезе во одличен ритам и триумфира со 38-34.

Францускиот гигант ПСЖ уште еднаш разочара на домашен терен, а тоа го искористи Висла Плоцк која го контролираше првото полувреме (18-14).

Висла Плоцк влезе во криза во последните минути, а тоа го искористи ПСЖ да намали на еден гол негатива (28-29), меѓутоа домашниот тим немаше сила да избегне нов пораз.

Фото: Facebook/Füchse Berlin