Шкендија брка европски бодови на Косово, нов предизвик во КЛ за македонскиот шампион

Шкендија денеска ѝ гостува на Дрита од Косово во натпревар од четвртото коло во Конференциската лига, мечот се игра на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина со почеток од 21 часот.

Во минатото коло пред последниот судиски свиреж Шкендија испушти победа против Јагелонија, па денеска тетовскиот тим ќе се обиде да дојде до бодови со кои може да се надева на пласман во нокаут фазата.

Во слична ситуација е и Дрита која исто така има амбиција да заврши меѓу најдобрите 24 екипи во лигашкиот дел од Конференциската лига.

По три одиграни кола Дрита има собрано пет бода, еден повеќе од Шкендија. Бодовите од овој дуел се значајни и за двата тима.

„И двата тима се подготвени да го дадат својот максимум, посакувајќи ги бодовите од овој меч кој е натпревар од посебно значење. Искрено се надеваме дека ќе дојдеме до позитивен резултат, а позитивен резултат за нас е победа. Мислам дека ќе биде динамичен, квалитетен натпревар, а нека победи тимот што ќе покаже повеќе на теренот, тимот што ќе има повеќе спортска среќа или тимот што најдобро ќе ги искористи создадените шанси. Може само да кажам дека сите играчи се подготвени и мотивирани и се надевам дека оние што ќе излезат на терен ќе го дадат својот максимум“, рече пред денешниот меч тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.