Сензација: Дебитантот Маџари со голем пресврт го преслуша „гигантот“ Работнички!
Триумфот на составот од Гази баба е уште поголем ако се знае дека е остварен со огромен пресврт, со оглед што центарци водеа во поголемиот дел од средбата, често и со двоцифрена разлика, а во третиот период имаа и највисоки плус 13 (53-40). Но, тоа не ги обесхрабри избраниците на тренерот Мишо Тодоровиќ, кои со две добри серии во последната четвртина дојдоа до посакуваната цел. Тие прво со седум поени по ред дојдоа до пресврт (72-69), а потоа со девет поени во низа и до огромно водство (82-73), кое се покажа како недостижно за тимот што е бледа сенка на некогашниот гигант од „Градски парк“.
Џавон Грин со 25 поени, осум скока и шест асистенции беше лидер на Маџари, Артест Стејплтон дополни со 16 поени , додека македонскиот репрезентативец, Амар Хот имаше дабл-дабл ефект со 16 поени и 14 скока. Џејкоб Хатсон со 19 поени и 17 скока и Виктор Ефремовски со 16 поени и осум скока беа подобри од останатите кај Работнички.
Во првиот меч од седмата суперлигашка рунда, МЗТ вчера беше подобар во дербито против ТФТ (80-67). Другите средби се играат вечерва и утре.