Кошаркарките со полна самодоверба одат по изненадување против Грција!

Maкедонската женска кошаркарска репрезентација денеска го игра вториот натпревар од квалификациите за Евробаскетот во 2027 година, а противник е селекцијата на Грција.

Грција е фаворит во натпреварот, но нашите кошаркарки во дуелот влегуваат мотивирани по победата над Данска во првото коло, па селекторот и неговите избранички веруваат дека можеме да приредиме изненадување пред домашната публика.

За овој натпревар Ашаданов направи една промена во составот и на местото на Јана Пилевска во тимот е Теа Трајковска која ќе биде поддршка на внатрешната линија на: Мерит Хемпе, Ивана Кметовска, Матеа и Милица Николиќ.

Во изненадување верува и репрезентативката Илина Селцова.

„После победата со Данска, имаме уште поголема мотивација за она што следува односно натпреварот со Грција. Знаеме сите добро за каква селекција се работи. Но ветувам дека ние ќе дадеме се од себе, и со една максимално пожртвувана игра ќе му се спротивставиме на фаворизираниот ривал“.

„Ако победивме еднаш, зошто да не победиме повторно. Се е можно. И искрено се надевам дека ќе биде така, со максимум од сите оние кои вечерва ќе истрчаат на теренот во “Кале“. Ако ги испратиме до крај инструкциите и договорот за игра на тренерите, би требало да биде ОК. Очекувам и многу поголема поддршка од публиката. Ни треба, особено на вакви натпревари, против многу квалитетни репрезентации каква што пред себе ќе имаме вечерва“- смета Селцова

Грција во натпреварот денеска во „СРЦ Кале“ ќе ја бара првата победа во овие квалификации бидејќи во првото коло беа поразени од Хрватска на свој терен (73-76). Терминот за дуелот е 18:00 часот.