Шкендија нема да го потцени Шкупи, но ќе бара трета победа по ред во лигата!
Екипата од Тетово успеа да врзе две победи по ред, откако претходно имаше лоши резултати, па денеска ќе се обиде да го надигра последниот тим на табелата во домашниот шампионат.
Шкупи оваа сезона се наоѓа во катастрофална состојба, а по 12 одиграни меча во лигата се наоѓа на последното место со само еден освоен бод.
„Кога сите одмораат, ние мора да играме. Но, кога ќе размислиме зошто мораме да настапуваме и во овoј викенд е јасно дека Шкендија донесе европски фудбал во Македонија оваа година и ги направи сите навивачи горди. Атмосферата во тимот е добра, влегуваме во мечот по позитивен резултат во Европа против Јагелонија, и убедлив триумф против Македонија ЃП кој нѝ даде дополнителна самодоверба. Се подготвуваме како и за секој меч, без разлика на противникот. Знаеме дека Шкупи има проблеми оваа сезона, но мора да го почитуваме секој противник, и не смееме да го потцениме. Го респектираме нашиот ривал и ќе одиме на победа, да го продолжиме нашиот пат во првенството, за на крај да бидеме на врвот на табелата“, изјави младиот играч на Шкендија, Лорик Јакупи.
Шкендија се наоѓа на третата позиција во лигата со 27 бодови, додека пред неа се Струга со 32 и Вардар со 33 поени.