Ферстапен ќе стартува од боксот на Интерлагос!

Трката за Големата награда на Бразил, Макс Ферстапен ќе ја почне од боксот откако Ред Бул одлучи да направи промени на неговиот болид.

Ферстапен имаше катастрофални квалификации, испадна уште во првата фаза, Ку1. Холанѓанецот беше видно нервозен од перформансите на неговиот болид.

Проблемите за него почнаа уште на тренинзите и спринтот, кога беше јасно дека болидот не е добро сетиран. Ред Бул се обиде да направи промени пред квалификациите, но тоа уште толку ја влоши ситуацијата.

Ферстапен на 16. место ги заврши квалификациите, а од Ред Бул одлучија кога веќе е толку назад, да направат уште едни промени на неговиот болид, што според правилата значи дека ќе треба да почне од боксот.

Интерлагос е патека на која може да се претекнува, па се очекува Ферстапен да почне агресивно од самиот старт, но тоа нема да биде доволно да се бори за подиум, освен ако не се случи некое чудо за време на трката.