Грин рушеше рекорди на дебито за Феникс, „сонцата“ го уништија ЛА Клиперс! (ВИДЕО)

Феникс со 115-102 го победи Лос Анџелес Клиперс во единствениот НБА натпревар ноќеска, а Џејлен Грин имаше деби за паметење во дресот на победничкиот тим.

Повредата за 23-годишниот кошаркар е минато, Џејлен Грин ги одигра првите минути во дресот на Феникс и покажа дека ќе биде големо засилување за овој тим.

Грин на паркетот мина само 23 минути, а заврши како најефикасен на мечот. Постигна 29 поени од кои шест тројки. Тој стана кошаркарот на Феникс кој постигнал најмногу тројки на своето деби.

Има и најмногу поени на деби за Феникс по дебито на Чарлс Баркли во 1992 година кога постигна 37 поени.

Што се однесува до натпреварот, тој беше решен во третата четвртина која Феникс ја доби со 40-23, домаќините направија недостижна разлика и дојдоа до триумфот од 115-102.

Втор стрелец за Феникс беше Букер со 23 поени, најдобар во составот на Лос Анџелес Клиперс беше Зубац со 23 поени, имаше и 11 скокови.