Дебакл на Пелистер, топ-16 останува само теорија

Македонскиот суперлигаш Пелистер го претрпе третиот пораз во ФИБА Европа купот откако вечерва на домашен терен загуби од Цедевита Јуниор со 74-95.

Со тоа, битолскиот тим остана на последната позиција на табелата, па пласманот во топ-16 фазата од ова натпреварување е само во доменот на теоријата. Пласман меѓу најдобрите 16 обезбедуваат победниците на десетте групи плус најдобрите шест второпласирани.

Пелистер вечерва беше конкурентен само во третата четвртина кога високата предност на Цедевита Јуниор успеа целосно да ја достигне и да израмни на 56-56. Почнувајќи од финишот на првиот квартал, Хрватите постојано имаа двоцифрена предност, но битолчани прво со серија од 11-0 се доближија на 48-52, а потоа и израмнија.

За жал,  не го издржаа темпото, Цедевита Јуниор одговори со 12-2 за нова двоцифрена предност (68-58), кон средината на последниот период водеа со 81-62, а набрзо после тоа и со 23 разлика (91-68).

Најефикасен кај Пелистер беше Дејвис со 21 поен, Вилсон постигна 16, а Митревски 15. Разочара најдобриот стрелец во екипата Остин Прајс кој за безмалку со 20 минути во игра постигна само два поена, со шут од игра 1/9. Во следното коло Пелистер гостува кај Приевидза, единствената екипа која ја победи во досегашниот дел од сезоната.