Пукна сензацијата во Шангај - 204. тенисер во светот го елиминира Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ нема да се бори за својата петта титула на Мастерсот во Шангај откако доживеа пораз во денешното полуфинале на овој турнир.

Откако испаднаа речиси сите фаворити, за елиминацијата на српскиот ас се погрижи 204. светски тенисер Валентин Вашеро од Монако кој славеше со 2-0 (6-4, 6-4) за својата најголема победа во кариерата. Мора да се потенцира дека Ѓоковиќ во текот на мечот се мачеше со повреда, неколку пати повика медицински тајмаут, но сепак не го предаде мечот, туку до крајот остана на теренот. Вашеро на турнирот влезе како квалификант што дополнително дава тежина на неговата победа.

Клучен во првиот сет беше осмиот гем кој Вашеро го освои на сервис на Ѓоковиќ откако двајцата тенисери претходно разменија по еден брејк. Кога веќе поведе со 5-3, играчот од Монако рутински го доби следниот гем и поведе со 1-0. Во вториот сет немаше брејк до 4-4, а потоа Вашеро го освои сервисот на својот противник за во десетттиот гем, по голема борба да стави точка на сензационалната победа.

Со неа, тој веќе обезбеди скок од 146 позиции на АТП листата и дојде до 58. место, а ако победи во утрешното финале против Медведев или Риндеркнех, ќе напредува уште 18 места.