
Момент на вистината: Со храбра игра да ја шокираме Белгија за сонот да стане реалност!
Македонија е во мундијалски сон, нашата репрезентација во денешниот меч против Белгија ќе влезе како првопласирана во групата, а ако не загубиме на тоа место ќе останеме и по шест одиграни дуели. Белгијците се зад нас со еден бод помалку, но имаат одиграно и натпревар помалку.
На првиот меч во Белгија се прикажавме во одлично светло, тој дуел заврши без победник 1-1, а денеска одиме по нов поволен резултат против силниот противник, па зошто не и победа.
Македонија во блиското минато ги урна големите Германија и Италија на нивно тло, тоа е доказ дека можеме да играме против секого и да се надеваме на победа против сите на било кој терен. Така е и денеска.
Белгија е без главниот напаѓа, Ромелу Лукаку, но тој не играше и на последните два меча на Белгијците во кои постигнаа дури 12 голови. Им дадоа по шест на Лихтенштајн и на Белгија.
Тие со полна самодоверба и одлична атмосфера ќе истрчаат на денешниот натпревар, но слично е и кај нас.
Македонија ќе има поддршка и од наши навивачи кои одамна ги разграбаа гостинските карти за овој меч. Фалангата ќе се обиде да ги надвика побројните белгиски симпатизери кои ќе се најдат на арената во Гент и да им дадат поддршка на нашите фудбалери.
Победа или реми на овој натпревар ќе значи одржување на сонот за првото место во групата и директен пласман на Светското првенство, со пораз ќе се помириме дека баражот ќе биде единствениот пат до Мундијалот.