Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров денеска во првиот натпревар од деветтото коло во ПМФЛ славеа победа над Арсими со 4-1, а натпреварот донесе убав фудбал со многу шанси и голови.

Домашниот состав во најголем дел од натпреварот беше подобриот тим на теренот, па на крајот и заслужено дојде до три бода. Резултатот беше отвоен во 13-тата минута кога Стоилов по додавањето од левата страна го совлада противничкиот голман.

Тоа беше и единствениот погодок во првиот дел. По седум минути игра во вториот дел Талаков стрелаше за 2-0, но Арсими не се откажа и во 63. минута намали на 2-1. Сепак, само две минути подоцна гостите останаа со фудбалер помалку.

 

Беше опасен Арсими и знаеше да се закани и со десетмина на теренот, но победникот беше решен во 82. минута кога Гереро ја искористи грешката на голманот на Арсими и ја погоди мрежата. Арсими во тој момент и како да се откажа, па домаќините до крајот сосздадоа уште две-три одлични прилики, a точка на натпреваарот стави Кире Марковски во 90. минута.

 

 

За Македонија Ѓорче Петров овој триумф беше четврти во сезоната со кој стигнаа до 12 бода и во овој момент се на шестата позиција на табелата.