
Чупиќ: Трката за титулата е маратон, оваа победа не значи повеќе од два бода
За тренерот Иван Чупиќ ова беше прво дерби во „Јане Сандански“во кое ја имаше улогата на предводник од клупата, а по натпреварот истакна дека како една од клучните работи за триумфот се покажала желбата за победа.
„Ова е мое прво дерби во „Јане Сандански“, но не победив јас туку овие момци во соблекувалната, сакам да им се заблагодарам за желбата, за залагањето. Вечерва победи вардаровото срце, во оваа полна сала, честитки до момците за оваа петта победа од стартот на сезонава. Тоа е тоа, сега малце да се провеселиме, а за три дена пред нас е нов натпревар. Како што кажав и сто пати досега, трката за титулата е маратон, оваа победа над Пелистер значи само два бода, ни повеќе ни помалку. Супер што победивме, имаме „пет од пет“ на стартот од сезоната, но ќе продолжиме да работиме за да напредуваме уште повеќе“, истакна Чупиќ.
Вардар по пет кола во Суперлигата е лидер со пет победи во исто толку натпревари.