Навивачите на Челси се бесни на управата поради враќањето на Мурињо во Лондон!

Навивачите на Челси деновиве жестоко реагираат на ценовната политика на клубот пред враќањето на Жозе Мурињо на „Стемфорд Бриџ“ во натпревар од Лигата на шампионите против Бенфика.

Клубот го означи мечот како настан од највисока категорија, што значи дека билетите во слободна продажба достигнуваат цена и до 83 фунти. Дополнително, бројот на билети со попуст за деца и пензионери е значително намален, што предизвика незадоволство кај долгогодишните поддржувачи и семејствата. Многумина го толкуваат потегот како чиста експлоатација на интересот околу враќањето на Мурињо.

„Луѓето кои го водат клубот буквално го уништуваат. Имам 12-годишен син и за неговиот билет морам да платам 50 фунти, бидејќи нема попуст за деца. По десет години тој нема да може да си дозволи да гледа натпревари“, изјави Дејвид Џонстон од навивачкото списание на „сините“.

Критики упати и поранешниот претседател на Здружението на навивачи на Челси, Тим Роулс, кој истакна дека најголем проблем е краткото известување и укинувањето на привилигиите

„Клубот свесно ги отстранува попустите за младите и постарите навивачи, верувајќи дека билетите ќе ги продадат на туристи или еднократни посетители подготвени да платат повеќе поради ефектот Мурињо“, изјави Роулс.

Ова е второ големо негодување во рок од три недели. Претходно, Челси предизвика револт со пакет-билети за сите четири натпревари од групната фаза во ЛШ, со што дел од сопствениците на сезонски билети стравуваа дека ќе ги изгубат своите места.

„Последните одлуки на клубот се пример за лоша комуникација и непочитување на навивачите. Време е да престанат да ја експлоатираат нашата лојалност“, дополни Роулс.

Челси засега одбива да ги коментира критиките, иако извори блиски до клубот тврдат дека цените се на ниво со оние на другите водечки европски тимови во вакви натпревари. Мурињо ќе ја предводи Бенфика на дуелот во Лондон следниот вторник.