„Федерер му беше најголем непријател на Ѓоковиќ од две причини“

Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, легендарниот Борис Бекер зборуваше за ривалството на српскиот тенисер со Роџер Федерер.

Кога кон крајот на 2013 година Бекер му стана тренер на Ѓоковиќ, Србинот зад себе имаше само една титула на Вимблдон (2011), а и два непријатни порази. Првиот од Федерер во полуфиналето во 2012 со 3-1, и вториот од Енди Мареј во финалето во 2013 кога Новак не освои ниту еден сет.

Овие порази беа и пресуден фактор за Ѓоковиќ да го назначи Бекер кој важи за еден од најдобрите на Вимблдон во историјата. На резултатите не требаше многу да се чека. Ноле ги освои наредните два турнири на Вимблдон и тоа совладувајќи го Федерер во финалињата.

Швајцарецот никогаш повеќе не го победи Ѓоковиќ на Вимблдон.

„Роџер беше најголем непријател на Ѓоковиќ на Вимблдон од две причини. Прво бидејќи знаеше да игра на трева, а второ бидејќи публиката го сакаше. Морав да му објаснувам на Ѓоковиќ дека луѓето на трибините не се против него туку се за Федерер и да не го зема тоа при срце, туку да најде начин тие луѓе да го сакаат и него“, објасни Бекер.

„Мило ми е што на крајот успеа да се здобие со почит од целиот свет, што и заслужува. Успеа да се избори со сите предизвици, да освои 24 грен слем титули и да ги собори сите можни рекорди, а сето тоа се должи на неговиот карактер и личност“.