Ѓоковиќ: Нема шанси да рекламирам кладилници – „нудам“ бизниси во кои верувам!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, откри дека во повеќе наврати одбил соработка со неколку големи американски компании, иако станува збор за светски брендови вредни милијарди.

Како што објасни Србинот, причина за тоа што нивните производи и принципи не се совпаѓале со неговите лични убедувања.

„Одбив многу компании затоа што не беа во склад со моите вредности. Тешко ми е да препорачувам нешто на милиони луѓе, а јас самиот да не верувам во тоа. Ако не би го испил или изел, тогаш нема да го претставувам. За агентите тоа не е најдобро решение, но јас сум мирен во срцето затоа што знам дека правам нешто исправно. Особени не ни помислувам да рекламирам кладилници, без разлика од каде се тие и колку пари нудат“, изјави Ѓоковиќ во подкастот на Џеј Шети.

Покрај темата за спонзорствата, тој проговори и за специфичниот однос меѓу тенисерите. Според него, за разлика од фудбалот и кошарката, каде противниците се среќаваат на теренот, во тенисот играчите и нивните тимови се гледаат уште во соблекувалните и на загревањето, што ја прави конкуренцијата уште понаелектризирана.

„Седиме еден до друг пред финале, гледаме едни во други – борбата почнува уште таму. Затоа е тешко да очекуваш дека некој ќе ти пријде за совет, иако има млади играчи кои се отворени и љубопитни“, дополни Ѓоковиќ.

Тој додаде дека комуникацијата е клучна и често се случува советите да се пренесуваат преку членовите на тимовите.

„Некој е срамежлив, па прашува преку друг. Јас тогаш приоѓам и велам: ‘Во ред е, можеме да зборуваме’. Добрата комуникација носи поголемо меѓусебно почитување“, заврши популарниот Ноле.