
Шкендија го надигра и го победи Лудогорец, првата битка за ЛЕ е добиена! (ВИДЕО)
Тетовскиот ја доби првата битка против Лудогорец и си ги зголеми шансите за место во главната фаза од второто по ранг клупско натпреварување во Европа.
Шкендија одлично влезе во натпреварот, првата голема шанса ја имеше веќе во осмата минута кога Љатифи од идеална шанса, сам пред голманот Падт, биеше право во него.
Седум минути подоцна Љатифи повторно се најде во шанса, но не ја зафати најдобро нафрлената топка.
Во 17. минута Цаке се обиде од далечина, биеше за малку крај голот.
Казната за неискористените шанси дојде веднаш потоа, Дуарте првата шанса за Лудогорец ја претвори во гол за водство на гостите од 1-0.
Во 36. минута Љатифи постигна прекрасен гол од слободен удар, се искупи за претходните промашувања и го израмни резултатот на 1-1.
До крајот на првиот дел Шкендија можеше да направи и комплетен пресврт, но шутот на Зејнулари заврши крај голот.
Истиот фудбалер ја имаше првата шанса за Шкендија во второто полувреме кога се обиде од далечина во 50. минута, но биеше право во голманот на Лудогорец.
Пресвртот се случи во 60. минута кога по една одлична акција капитенот Бесарт Ибраими постигна гол за водство на Шкендија од 2-1.
Во 74. минута Лудогорец изведе брза контра и преку Дуарте влезе во голема шанса, но голманот Гаје го одбрани неговиот удар.
Течеше 82. минута кога Шкендија можеше да го зголеми водството, по еден корнер Таир биеше со глава, за малку над голот.
До крајот на мечот и двете екипи имаа по некоја полушанса, по последниот судиски свиреж Шкендија заслужено се радува на победата и предноста од еден гол со која ќе влезе на реваншот за седум дена.