
Беќири: Ова беше убав настап на Шкендија, се надеваме на пласман во Лига Европа
Македонскиот шампион оствари триумф со кој направи чекор напред кон групната фаза, а Беќири имаше само пофални зборови за своите избраници.
„Мислам дека видовме еден убав натпревар, една убава Шкендија. Победивме со добра игра, имавме некои пропусти во одбраната, но тоа е нормално, имавме многу квалитетен противник кој уште е фаворит за Лига Европа. Но ние треба да го дадеме максимумот, па зошто да не се пласираме во групите од Лига Европа“, вели Беќири.
Беќири кажа дека има добра конекција со своите фудбалери и поради тоа без проблеми успеваат да ги остварат зацртаните планови.
„Мислам дека ништо посебно не правам со оваа екипи, само се обидуваме да го извадиме максимумот од оваа група на играчи. Пофалби за играчите. Моја предност е што долго време сум со играчите и веќе ме разбираат што сакам. Ние само се обидуваме да играме по нашиот идентитет, но треба да очекуваме и лоши денови како што имавме во Баку. Ние треба да растеме како екипа, ние како стручен штаб, тие како играчи и да го даваме максимумот. Ќе се подобруваме со доаѓањето на уште 2-3 играчи во наредните денови. Ќе имаме добра екипа која ќе биде конкурентна во домашниот шампионат, купот и во Европа. Треба да учиме од ова што ни се случува и да растеме како клуб. За сите нас ова е едно големо искуство“, додава стратегот на Шкендија.
Беќири вели дека не сака да се одложи меч од Првата лига зашто така би покажале непочит.
„Не сакам да се одложи натпревар од домашното првенство бидејќи би покажале непочитување кон играчите што ги имаме и домашниот шампионат кој ни е многу важен. Ние сме платени за тоа, треба да играме кога ќе биде побарано од нас да играме. Ако одложиме натпревари, тие натпревари треба да ги сместиме некаде, во Европа ќе играме до декември, каде би ги сместиле тие натпревари ако знаеме дека и во купот треба да играме. Треба да ги почитуваме сите натпреварување“, посочи Беќири.
Реваншот меѓу тимовите се игра следниот четврток од 19.30 часот.