„Повторно ќе ги поканиме кошаркарите кои од некои причини не беа тука“

Селекторот Марјан Илиевски по денешната победа против Унгарија во претквалификации (82-75) испрати и порака до кошаркарите кои не беа со селекцијата, на овој собир и порача дека за секого има место.

 

За Илиевски најважно е што оние кои биле во репрезентацијата, воопшто не се штеделе, а атмосферата секогаш била на највисоко ниво.

Ние се вклучивме во приказна која беше многу кратка. Изненаден сум од пристапот на играчите од првиот до последниот ден, кој колку придонел на паркетот не е важно бидејќи атмосферата беше на високо ниво и никој не се штедеше. Нормално е да имаме „детски болести“, но тие се решливи и не би сакал да кажам дека тоа може да биде проблем во иднина.

Многу поквалитетни репрезентации имаа проблеми со екипите. Ние повторно ќе ги поканиме играчите кои од некои причини не беа сега во комбинација. Секој што ќе разговара со мене, може да игра за репрезентацијата. Уште еднаш го потенцирам проблемот со клубовите, јас  сакам играчите да имаат минутажа во своите екипи за да можат да дадат поголем придонес во репрезентацијата. Не можам да кажам што би било кога би биле комплетни, а ако ме прашувате, отворено велам: со истиов тим и истите кошаркари би го поминал истиот пат, без никакви промени. Можеби ни требаат пријателски натпревари, но таква е ситуацијата во моментов.

Македонија претквалификациите ги завршува со само една победа и три порази на претходните натпревари во кои игравме и со Романија.