
Илиевски: Победата е плод на хемијата во тимот, ова е само почеток на еден долг пат
Селекторот Марјан Илиевски сепак им честиташе на кошаркарите и се заблагодари на поддршката, а за критиките вели дека иако се тешки, можат да помогнат за тимот да биде подобар.
Исто така како и пред натпреварот, Илиевски повторно апелираше клубовите да даваат повеќе минутажа на нашите кошаркари.
„Им честитам на играчите бидејќи денеска покажаа дека можат да одиграат натпревар во кој ќе си го знаат точното место во тимот и како ќе функционираат во него. Кажав дека контранападите ќе бидат наше најсилно оружје, го анулиравме и проблемот со скокови и слободно можам да кажам дека напредуваме во однос на времето кое го имавме заедно. Ништо не може преку ноќ, за се треба време.
Им благодарам на сите кои даваат поддршка на репрезентацијата и на нас како стручен штаб. Ние ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот. Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи бидејќи ни претстојат други претквалификации, а кошаркарите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствена насока за помош на националниот тим во иднина“, истакната селекторотќ
За него победата исклучиво е плод на работата и хемијата која се создала помеѓу кошаркарите за време на подготовките.
„Играчите и стручниот штаб работеа максимално, поминавме време со прекрасни личности и спортисти, верувавме едни во други и се надевам така ќе биде и во иднина. Не ја сфаќам еуфорично победата, таа е плод исклучиво на хемијата што ја имаме во тимот, заокруживме циклус со победа што многу значи на почеток на еден долг пат. Ако ги земеме предвид резултатите, можеме да бидеме задоволни“