Македонската кошаркарска репрезентација со сигурен триумф ги заврши претквалификациите за Светското првенство.

На домашен терен, нашите кошаркари ја совладаа Унгарија со 82-75 што е сатисфакција за вложениот труд во текот на летото, но и за процесот на подмладување кој го почна новиот селектор Марјан Илиевски. За жал, оваа победа нема големо значење врз конечниот исход во групата затоа што Македонија го освои последното место и ќе игра во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Безмалку цел натпревар помина во доминација на македонската репрезентација која пад во играта имаше само на почетокот на второто полувреме. Откако двете селекција неколку пат се сменија во водство во првата четвртина, Македонија направи серија од 13-0 и на почетокот на вториот период првпат  имаше двоцифрено водство (25-15).

Виктор Ташовски беше иницијатор на серијата и даде енергија на нашиот тим, а стандардно добар беше Џејкоб Вајли. Нешто подцна Унгарија се доближи на 26-30, но следуваше нова серија од девет поени на нашата репрезентација за највисоки во првиот дел +13, со кои се замина и на голем одмор (45-32).

Второто полувреме почна со осум поени по ред на Унгарците поради што и навивачите стравуваа дека може сето она изградено во првиот дел да падне во вода. Сепак, такво нешто не се случи и во продолжение македонската репрезентација не само што не дозволи пресврт, туку на крајот од третиот период имаше +14 (64-50). Последните дестт минути беа само одработување на задачата, неколку атрактивни забивања на Вајли и највисоки +17 (76-59) по што се беше решено.

Вајли со 23 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, Таовски додаде 14, а Митревски 12. Радува тоа што убедливата победа е остварена без шут од дистанца бидејќи нашите кошаркари погодија само четири тројки од 21 шут, но затоа добрата игра во одбрана овозможи многу лесно поени во контранапади.

По ова, следува настап во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029 кои треба да почнат во ноември.