Босанците останаа без главниот адут - Муса не игра на Европското првенство!

Довчерашниот играч на Реал Мадрид, Џанан Муса го откажа својот настап на претстојното Европско првенство кое почнува за една недела.

Причина за тоа е неодамнешната операција на стомачниот ѕид кога и беше најавено дека е можно да не учествува на Еуробаскетот. На седум дена пред стартот на шампионатот, Муса лично ја соопшти лошата вест која ги остави во шок љубителите на кошарката во неговата земја.

„Драги навивачи, сакам да ве известам дека поради здравствени причини, за жал, нема да бидам во можност да им помогнам на момците на претстојното Европско првенство. Првпат се среќавам со вакви работи и сигурно не е нималки лесно. Пред неколку дена имав операција во Минхен и рехабилитацијата ќе трае неколку дена повеќе од планираното. Со цело срце ќе бидам со кошаркари и сигурен сум дека ќе има уште многу првенства на кои ќе одиме како тим“, соопшти Муса.

Репрезентација на БиХ се наоѓа во групата на Кипар во која освен домаќинот се уште Италија, Грузија, Шпанија и Грција.