Небесен скок на најдобрата македонска тенисерка: Ѓорческа напредуваше 73 позиции

Првиот македонски рекет во женска конкуренција Лина Ѓорческа оствари прогрес од 73 места на најновата ВТА листа објавена денеска.

Таа сега се наоѓа на 282. позиција, а сето тоа се должи на двете последователни финалиња на турнирите во Куршумлијска бања кои ѝ донесоа вкупно 72 бода. Со последните резултати, таа се врати на нивото од почетокот на годината која ја стартуваше како 281. светска тенисерка со тоа што сега е во одлична форма и има услови дополнително да напредува на ВТА листата.

Сегашниот нејзин пласман уште е далеку од најдобриот во кариерата (170. место), но ако успее да продолжи со последните резултати, би можела да го нападне до крајот на сезоната до кога има уште околу три месеци.