„Во Атина ќе биде жешко, ама ние играме најдобро кога е најтешко!“

Денеска со почеток од 19 часот во Атина, македонската одбојкарска репрезентација го игра најважниот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2026, ѝ гостуваме на селекцијата на Грција.

Капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев смета дека селекцијата е подготвена, а противникот е добро анализиран и можеме во Атина да се прикажеме во нашето најдобро издание и да се вратиме со победа.

„Резултатите од другите групи, засега одат во наша полза, но јас би сакал ние да го направиме своето  и воопшто да не зависиме од тие резултати. Дуелот со Грција ќе биде ‘да се биде или не’ влегувам со таков менталитет, но и на овој меч имаме право на грешка. Мора да влеземе максимално силни и мотивирани, со голема самодоверба во нас. Теренот ќе биде жежок, но тогаш ние играме најдобро и се надевам дека ќе успееме да го земеме она што е наше, она што ни треба и подоцна да направиме еден спектакл со Грузија во Скопје и со победа да го чекираме Европското првенство“, вели Ѓоргиев.

Не можеме да се пофалиме со позитивен скор против Грција, досега со нив сме одиграле три натпревари и сите сме ги загубиле. Но, тој факт не ги обесхрабрува нашите одбојкари.

„Го анализиравме противникот, играме три натпревари во низа со нив и интересно е дека коректорот на ПАОК, Мукљас е преку 70 посто реализација на тие дуели и не успеваме да го сопреме и игра натпревари на сезоната против нас. Се појави и еден млад примач Хандринос, Раптис, кој е ѕвезда успеваме да го затвориме, но едно младо момче кое е негова замена сега ни прави проблеми. Имаме решение и за средните блокери, како и за Протопсалтис уште една ѕвезда од Панатинаикос, кој на последниот дуел со нас имаше 5/25 поени. Коректорот ни ги создава најголемите проблеми, го следиме со селекторот и во текот на сезоната игра ‘топло-ладно’, но против Македонија игра секогаш ‘топло’. Прва задача е да го сопреме него, а потоа и четворката – примачот и доколку за нив најдеме одговор ќе биде многу полесно. Феноменално ги одработивме подготовките, има голем напредок во тимот, дишеме како едно и сите влечат и заедно одиме напред и затоа сум ентузијаст и верувам. Работевме многу на недостатоците кои ги воочивме на ‘Чајка’ турнирот, одлично трениравме овие денови и мислам дека тие недостатоци ќе бидат корегирани во Атина. Јасно е дека Грција е фаворит, играат добро, имаат поголем ростер, иако не знаеме точно кои играчи ќе играат кои не, со оглед на тоа дека излегоа против Грузија со поинаква постава, но верувам дека ќе бидеме подготвени на сè и со позитивен исход ќе се вратиме во Скопје“, додава капитенот.

Директен пренос од мечот меѓу Грција и Македонија ќе има на Арена Спорт 3.