Победа има нови сопственици, но не и пари - иднината на клубот е неизвесна!

Легендарниот прилепски клуб, ФК Победа е во незавидна ситуација дали воопшто ќе ја почне сезоната, тие имаат нова раководна структура и нов мнозински сопственик на акциите, но не и пари за да опстојат.

Досегашниот генерален секретар на победа, Филип Илиоски е нов извршен директор, а Владимир Мирчевски е нов мнозински акционер со 70 проценти од акциите кои деновиве треба да добие од претходните акционери. 20 проценти поседува Гоце Ингилизов и 10 проценти Благоја Гешоски.

Победа чека на клупската сметка да им легнат еден милион денари кои се изгласани од Советот на Општина Прилеп, но велат дека е неизвесно дали тие воопшто ќе им бидат исплатени поради распишаните локални избори.

Новото раководство на прес-конференција алармираше дека без тие пари Победа не би имала услови да ја почне сезоната, а ако не може да настапи на три последователни натпревари ќе биде префрлена во четвртата лига.

Но и да ги добијат тие пари, ќе имаат средаства да функционираат само околу два месеци. Новото раководство бара опции да донесе финансии и да го стабилизира клубот, но иднината е далеку од решена.

Мирчевски напомена дека Победа има долг кон УЈП од 5,5 милиони денари, а речиси толку има и кон други доверители кои засега излегуваат во пресрет и не си ги бараат парите, но на долг рок долгот мора да се сервисира.

Од клубот се надеваат дека во финишот од преодниот рок ќе успеат да создадат конкурентен тим кој ќе опстане во втората лига, но напоменуваат дека ситуацијата во Победа воопшто не е розова и во моментов е неизвесен дури и почетокот на сезоната.