Досегашните освојувачи ги нема, светот ќе добие нова „Златна топка“

Франс фудбал вчера ги објави 30. номинирани фудбалери за најголемото индивидуално признание во светот - Златната топка.

Најмногу кандидати има од ПСЖ - деветмина што е и очекувано ако се знае дека францускиот тим освои тројна и триумфираше во Лигата на шампионите. Оттаму е и главниот кандидат за наградата, Усман Дембеле кој имаше фантастична сезона. Четворица фудбалери се од Барселона, тројца од Реал и Ливерпул, а има и од Интер, Борусија Дортминд, Манчестер Сити, Челси, Баерн итн.

Она што паѓа во очи е фактот што на листата на номинирани нема ниеден досегашен освојувач на Златната топка што значи дека светот ќе добие нов добитник на ласкавото признание.

Од 2008 година до лани, само петмина фудбалери ја освојуваа Златната топка, а четворица од нив се на залезот на кариерата и имаат 38 или повеќе години. Осум пати триумфираше Лионел Меси, пет награди му припаднаа на Кристијано Роналдо, а по една на Карим Бензема, Лука Модриќ и Родри.