Најубавата српска одбојкарка ја нападна пејачката Дуа Липа поради – Косово!

Најубавата српска одбојкарка, Милица Тасиќ, жестоко реагираше на социјалните мрежи по веста дека британската пејачка, Дуа Липа, добила државјанство од Косово, на свеченост што се случи изминатиот викенд и што предизвика бурни реакции, особено во Србија.

Таа на својот Инстаграм профил објави фотографија од Дуа Липа со претседателката на Косово, Вјоса Османи, придружена со коментар:

„Девојко, не можеш да станеш државјанка на држава која не постои. Косово е Србија. Затоа, добредојде во мојата држава“, напиша Тасиќ.

Претседателката Османи пак, на социјалните мрежи ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја Дуа Липа „културен симбол на Косово“ и „најмоќен глас“ кој го претставува регионот на меѓународно ниво. Таа изрази гордост што пејачката често ги истакнува своите корени во интервјуа и јавни настапи, додека јавноста сѐ почесто забележува дека Липа споделува содржини поврзани со идеологијата за „Голема Албанија“.

Тасиќ е една од најдобрите српски одбојкарки во последната деценија. Има играно за Црвена звезда, потоа во САД, Романија и Турција, а од летово настапува за грчкиот клуб Тетида од Вула, каде се пресели поради своето момче, кошаркарот Лука Вилдоса.