Фернандеш жестоко ги нападна соиграчите по ремито со Евертон – ги нарече мрзливи!

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, јавно го изрази своето незадоволство од настапот на своите соиграчи по прексиноќешното реми против Евертон (2-2), нарекувајќи го нивниот пристап „мрзелив“.

И покрај тоа што „ѓаволите“ го освоија подготвителниот турнир во САД на кој учествуваа уште и Вест Хем, Борнмут и Евертон, португалскиот плејмејкер не беше задоволен од настапот во последниот меч. Фернандеш беше еден од најефективните играчи на теренот – постигна гол од пенал и асистираше за погодокот на Мејсон Маунт. Но, Евертон се избори за реми преку голот на Ндиај и автоголот на Ејдн Хејвен.

„Не сакавме да го завршиме турнирот на ваков начин. Настапот не беше на ниво и денес изгледавме мрзеливо. Со ваков пристап можеш да бидеш казнет во секој момент. Јасно е дека ни треба поголема конкуренција и повеќе квалитет во тимот за сите да се борат за место во првиот состав“, изјави тој.

Капитенот изрази надеж дека клубот ќе донесе уште еден или двајца нови играчи, кои би придонеле за зголемување на натпреварувачкиот дух. Манчестер Јунајтед ја почнува новата сезона во Премиер лигата на 17 август со дерби натпревар против Арсенал.