
ШК Алкалоид јуриша кон титулите во двете конкуренции, младинците на ШК Мулти Есенс дојдоа до второто место
На женскиот турнир има шест пријавени екипи и ќе се играат вкупно пет кола според Бергеровиот систем, што значи дека дамите се пред освојување на титулата, но останува последната пречка, секогаш незгодната екипа на ШК Неготино, која лани беше на делба на третото место. Досега фармацевтките извојуваа три победи со максимален резултат од 4 : 0 и една од 3 : 1 против шахистките на „Центар“, кои лани при ист број поени беа прогласени за првопласирани по аплицирањето дополнителни критериуми. На првите две табли повторно играат шахистките од Грузија, ИМ Лела Јавакашвили и ВМ Бела Котенашвили, додека, пак, на другите табли ротираа искусните ЖИМ Габриела Коскоска и ЖФМ Моника Стојковска, заедно со талентираните ЖФМ Моника Жежовска и Леа Ефтовска.
Оваа година за првпат требаше да има десет екипи во машка конкуренција, но поради откажување на две, во конкуренција се осум тима и ќе се играат вкупно седум кола според Бергеровиот систем. Во четвртото коло, кое заврши вчеравечер, ШК Алкалоид го надигра стариот ривал ШК Гамбит со 3,5 : 2,5. Мечот имаше повеќе пресврти, па така, по победата на ВМ Велимир Ивиќ над ВМ Владимир Георгиев на втората табла, во долга и исцрпувачка партија, ВМ Петар Арнаудов успеа да освои цел поен против ВМ Трајко Недев, а на крајот ВМ Звонко Станојоски дојде до конечниот триумф славејќи над ФМ Андреј Велјаноски, кој во завршницата направи груб превид на фигура.
Хит на турнирот се младите шахисти на ШК Мулти Есенс, кои минатата година се вклучија во системот на натпреварување со новоформиранот тим, а преку квалификациите за Втората лига и потоа преку настапот во Втората лига изборија пласман во елитното друштво. Тие вчера во 4. коло го надиграа ШК Шкупи со 4,5 : 1,5, но вистинска сензација се случи во првото коло кога ремизираа со ШК Гамбит, при што испуштија и шанса за победа. Во моментов тие се на втората позиција на табелата со 7 бода, но во последните три рунди играат со екипи кои, исто така, целат кон висок пласман – Гостивар, Нов напредок од Штип и Алкалоид – па останува да се почека крајот на турнирот за да се види конечниот расплет.
Партиите од петтото коло се играат в понеделник со почеток од 16 часот, а играчите имаат на располагање 90 минути за целата партија, плус 30 секунди за секој одигран потег.