„Претседателот на Шкупи цела сезона местеше за обложувалница, сега пак се прави истото!“

Навивачката група „Шверцери“ синоќа излезе со драматично соопштение во кое ја разоткрива состојбата во редовите на Шкупи, обвинувајќи поранешни и сегашни функционери на клубот за местење натпревари и користење на клубот за личен профит преку обложување.

Тие потенцираат дека иако помагале со поддршка и со наоѓање спонзори, турските претставници си играле мајтап како со клубот, така и со целиот град. Најтешките обвинувања се однесуваат на поранешниот претседател и дел од раководниот тим, кои, според нив, минатата сезона свесно местеле натпревари за да профитираат преку обложувалници.

„Имаме податоци дека неколку натпревари биле наместени со цел да се земат пари од обложување. Тоа не само што е срамно, туку е и кривично дело“, пишуваат навивачите.

Критиките не застануваат тука. Според нив, новоименуваниот директор продолжува во истата насока, а неодамнешната пријателска средба со Арсими била откажана откако „Шверцери“, заедно со клубот од Челопек и ФФМ, добиле информации дека и тој натпревар требало да биде местен. Навивачката група алармира и дека денешното заминување на екипата во Турција е со цел организација на нова сомнителна пријателска средба и отворено апелираат до институциите да реагираат.

„Ја повикуваме државата и сите надлежни органи веднаш да го спречат овој срам. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ Шкупи да не одигра ниту еден натпревар, бидејќи секој носи ризик од ново местење“, велат од групата.

Тие, на крајот, ги повикаа сите љубители на спортот и вистинските навивачи да се приклучат во борбата, нагласувајќи дека ова не е само битка за клубот, туку за иднината на младите генерации.

„Ова ќе биде тешка битка, но ќе ја добиеме, за доброто на децата во овој град“, порачуваат од „Шверцери“.