
Нова „жртва“ на ЕМОФ: Литванец скршил вилица и зглоб додека тренирал во Скопје (ФОТО)
Несреќата се случила во неделата, на периферијата на Куманово, каде што младите велосипедисти се подготвуваа за трките. Дабушинскас паднал во последниот свиок на тренинг-возењето и притоа го скршил зглобот и вилицата.
„Се чувствував одлично, подготовките минаа добро, формата ми беше на високо ниво. Во саботата првпат ја извозив патеката и ми изгледаше поволна. Следниот ден сакав да ја поминам побрзо, но при последниот свиок излетав, паднав на асфалт и се повредив“, изјави младиот велосипедист.
По прегледите во болница, му беше дијагностицирана скршеница на вилицата и напукнатина на зглобот. Веднаш беше одлучено да ја пропушти трката, но тој не дозволи тоа да го спречи да биде дел од отворањето на ЕМОФ. Младиот натпреварувач беше дел од парадата на делегации во спортскиот центар „Јане Сандански“ и покрај фактот што му беше јасно дека нема да може да се натпреварува.
Велосипедистите засега најмногу „страдаат“ на Игрите во Скопје на кои учествуваат 4.000 млади спортисти, со оглед што вчера посериозно беа повредени и двајца Исланѓани, кои беа прегазени од автомобил на патот Куманово-Свети Николе.