Пелистер против двоен вицешампион на Италија ќе го почне настапот во ЛШ!

Кошаркарите на Пелистер ќе се соочат со силниот италијански состав Реџио Емилија во првото коло од квалификацискиот турнир за Лигата на шампионите – најелитното клупско натпреварување под капата на ФИБА.

Станува збор за тим со богато европско искуство, кој се вбројува меѓу најзвучните имиња во квалификациите, со оглед дека двапати бил вицешампион во Италија и тоа во 2015 и 2016 година, a минатата сезона во ЛЕГА А заврши на седмата позиција па во плеј-офот беше елиминирана уште во првото коло од Трапани (0-3). Ждрепката се одржа денеска во швајцарската Лозана, каде што „зелено-белите“ од Битола беа извлечени од четвртиот шешир. Со евентуална победа, битолчани во полуфиналето ќе се сретнат против подобриот од пресметката помеѓу белгискиот состав Антверпен и романска Орадеа.

Квалификациските турнири ќе се играат во периодот од 23 до 28 септември. Победниците од трите турнири ќе обезбедат пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, која брои вкупно 32 тима поделени во осум групи. Пелистер истовремено ќе игра и во АБА2 лигата.