
Брутално: Ајакс избрка седум фудбалери со - групна порака преку Вотсап!
Техничкиот директор на клубот, Алекс Кроес, испратил групна порака до непосакуваните фудбалери, во која ги информирал дека повеќе не се дел од првиот тим и дека клубот активно ќе работи на нивна продажба. Без лична средба или официјално соопштение, фудбалерите добиле само кратка дигитална нотификација – што предизвика шок и незадоволство. Освен што им било соопштено дека се непожелни, отпишаните играчи добиле и дополнителни ограничувања - немаат пристап до теретаната и терените во термини кога тренира првиот тим, не смеат да го користат официјалниот паркинг во кампот „Де Токумст“ и имаат на располагање само еден физиотерапевт. Дозволено им е да се појават во тренинг-центарот дури откако ќе завршат сите активности на главниот тим.
Овој груб потег доаѓа по крајно разочарувачката сезона за Ајакс, кој во финишот од сезоната прокоцка девет бода предност и ја загуби титулата во последното коло од ПСВ. Поради резултатскиот крах, тренерот Франческо Фариоли си поднесе оставка, а неговото место го презеде поранешниот капитен Џон Хејтинга.
ФОТО: X / @AFCAjax