Енрике бесен поради лошите терени на СКП: Топката скока како да е – зајак!

Екипата на ПСЖ со синоќешната победа Сиетл Саундерс (2-0) обезбеди пласман во осминафиналето на Светското клупско првенство (СКП), каде што ќе се соочи со Интер Мајами, но и покрај триумфот, тренерот на европскиот шампион, Луис Енрике, изрази жестоко незадоволство од условите за игра.

Тој на прес-конференцијата по натпреварот на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл ја критикуваше состојбата на терените на првенството кое се одржува во САД.

„Иако победивме, морам да нагласам дека квалитетот на терените е далеку под стандардот за професионален фудбал. Терените се ужасни – топката отскокнува како зајак. Овојпат игравме на терен кој претходно бил вештачки, а сега е претворен во природен. Се наводнува рачно и се суши за десет минути“, рече шпанскиот стратег.

Тој додаде дека ова не е изговор, туку реален проблем што сериозно го загрозува квалитетот на играта.

„ФИФА мора да обрне внимание – не само на стадионите, туку и на терените во тренинг-камповите. Не можам да замислам НБА натпревар на терен со дупки, а ние овде играме на површини каде топката не се однесува како топка“, дополни шпанскиот стратег.

Енрике порача дека ваквите услови мора да се променат доколку Клупското СП сака да има врвен квалитет.

ФОТО: EPA PHOTO