
Земјотрес во НБА: Лос Анџелес Лејкерс продаден за 10 милијарди долари!
Договорот е постигнат и се очекува наскоро да биде официјално потврдено преземањето од новиот сопственик, Марк Волтер, извршен директор и претседател на компанијата ТВГ Глобал која поседува неколку спортски франшизи како Лос Анџелес Доџерс, Лос Анџелес Спаркс, Формула 1 тимот Кадилак и професионален тим во женската хокејарска лига.
Семејството Бас ги водеше Лејкерс од 1979 година кога ги купи за тогашни 67,5 милиони долари. Предводник на операцијата и долгогодишен претседател на клубот беше Џери Бас кој почина во 2013 година и водството го презеде неговата ќерка Џини. Таа сега ќе остане во Лејкерс на функцијата гувернер.
Волтер беше акционер во Лејкерс од 2021 година кога доби можност прв да даде понуда ако мнозинските сопственици одлучат да ги продадат своите акции. Продажбата на Лејкерс за 10 милијарди долари е најголема финансиска операција во историјата на американскиот професионален спорт.