Јамал станува кошмар за Мбапе - за една година шест пати го победи

Килијан Мбапе дојде во Реал да ги освои Шпанија и Европа, но за една година доживеа тотален дебакл.

Во центарот на вниманието на неговите неуспеси е шпанскиот тинејџер Ламин Јамал кој од јули 2024 година до денеска одигра шест натпревари против Мбапе и славеше на сите шест, на клупско и репрезентативно ниво.

Серијата почна лани, во полуфиналето од Европското првенство кога Шпанија триумфираше со 2-1, а Јамал постигна еден од двата гола за својата селекција. Љубителите на фудбалот очекуваа Мбапе да се одмазди со Реал, но место, доживеа уште четири разочарувања. На четирите Ел Класика (две во Ла Лига и по едно во Купот и Суперкупот на Шпанија) победите ги однесе Барселона и повторно растури Јамал кој постигна по еден гол на три од четирите натпревари. Капак на разочарувањата на Мбапе беше вечерашниот меч меѓу Шпанија и Франција на кој победи актуелниот европски шампион со 5-4, а Јамал два пати се запиша во листата на стрелците и беше прогласен за играч на мечот.

Младиот Шпанец в недела ќе се бори за петтиот трофеј последната година, додека Мбапе остана на оние од Суперкупот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп. Следната шанса да се закити со уште некој пехар ќе биде Светското клупско првенство кое почнува за десетина дена, а на кое Јамал нема да учествува.