
Пелистер го доби дербито со Алкалоид, но најважното следи в сабота! (ФОТО)
Почетните минути од натпреварот донесоа израмнета игра во која двете екипи неколку пати се менуваа водството, но некаде од средината на првиот дел избраниците на Раул Алонсо започнаа да го трасираат патот кон победата.
Серијата со која за првпат направија погоелма разлика се случи при резултат од 13-14 кога со три гола Пелистер дојде до 13-17, па и со тие до тој момент највисоки „плус четири“ замина на паузата (14-18).
На стартот од второто полувреме гостите од Битола и ја зголемија разликата за подоцна да не дозволат Алкалоид да се врати во натпреварот. Момците на Лазаров успеаа само да дојдат до „минус два“, меѓутоа Пелистер во финишот од натпреварот одново „додаде гас“ и рутински го приведе натпреварот кон крајот.
Лазаров и не го дочека крајот на средбата на клупата бидејќи по една одлука на судиите Димитар Митревски и Благојче Тодоровски збесна на клупата и заработи црвен картон.
Прв стрелец беше Манасков со шест гола, пет додаде Борзаш, додека Петковски се истакна кај Алкалоид со шест гола, а Серафимов пет пати ја погоди мрежата.
Со овој триумф Пелистер се израмни со Вардар на табелата со по 19 бода, а веќе в сабота следи големото дерби со „црвено-црните“ во „Јане Сандаски“ кое ќе биде одлучувачко за титулата.