Освои Лига на шампиони со Реал, идната сезона ќе води босански второлигаш

Србија пред крајот на минатиот век имаше двајца огромни таленти кои во исто време играа во Црвена Звезда - Дејан Станковиќ и Перица Огњеновиќ.

Двајцата направија спектакуларни трансфери, Станковиќ во 1998 година се пресели во Лацио, а Огњеновиќ една година подоцна замина во Реал за тогашни околу четири милиони марки. Станковиќ ја искористи својата шанса и направи одлична кариера, освојувајќи голем број трофеи. За разлика од него, Огњеновиќ не успеа во Реал Мадрид, подоцна играше во неколку помали клубови, во 2007 година му беше соиграч на Драган Начевски во Ерготелис и неславно замина во пензија. Како најголем момент од неговите играчки денови е освоената титула во Лигата на шампионите во 2000 година со Реал иако немаше голем придонес во успехот.

Во 2017 година почна тренерска кариера, но и на тој план не му оди најдобро. Водеше младински репрезентации на Србија, потоа работеше во БиХ и Украина, а во новата сезона најверојатно повторно ќе работи во босанскиот фудбал, но во тамошен второлигаш. Станува збор за Рудар Приједор кој оваа натпреварувачка кампања ја заврши на третото место во Втората лига, но има надеж дека ќе отиде во елитата затоа што првопласираните Лакташи и БСК имаат инфраструктурни проблеми.