Луис Енрике на две победи од рекордот на Пеп Гвардиола

Францускиот првак ПСЖ е на добар пат да влезе во тесното друштво на клубови кои успеале да освојат тројна круна во една сезона.

„Светците“ веќе ја обезбедија шампионската титула во домашното првенство, на 24 мај против Ремс ќе играат во финалето од Купот на Франција, а една недела подоцна ќе се сретнат со Интер во финалето од Лигата на шампионите. Ако победи на тие два меча, ПСЖ ќе им се придружи на Баерн, Ајакс, Селтик, ПСВ Ајндховен, Манчестер Јунајтед, Барселона, Интер и Манчестер Сити кои досега освојуваа тројна круна.

Но, триумф на овие два натпревара ќе го направи бесмртен и тренерот на ПСЖ, Луис Енрике. Тој ќе го израмни рекордот на Пеп Гвардиола и ќе стане само втор тренер во историјата со две триплети во кариерата. Првата ја освои во 2015 година како тренер на Барселона, а втората би ја освоил сезонава, на клупата на ПСЖ.