Фудбалска убавина на Монжуик: Барса и Интер дадоа шест гола, ама ќе решаваат во Милано (ВИДЕО)

Без победник заврши првиот, спектакуларен, полуфинален натпревар од Лигата на шампионите меѓу Барселона и Интер.

Старите ривали го воодушевија светот, но ги оставија отворени сите прашања пред реваншот во Милано бидејќи одиграа нерешено (3-3). Тешко дека може да се каже кој е позадоволен од овој резултат бидејќи Интер имаше и два гола предност, а Барса беше поконкретна и со повеќе шанси за гол. Тоа е добро за неутралните љубители на фудбалот бидејќи е јасно дека за шест дена претстои уште еден ваков спектакл.

Интер најави убедлива победа откако за 21 минута поведе со 2-0. Отвори Турам по 30 секунди игра, а потоа Дамфрис ја удвои предноста на својот тим. Барселона изгледаше грогирана, но кога е таква е најопасна и тоа на своја кожа го почувствува миланскиот тим. Само три минути по голот на Дамфрис, Ламин Јамал со фантастична акција и гол го круниса својот 100. настап во дресот на Барселона. Нешто подоцна Феран Торес се погрижи за израмнување откако Педри и Рафиња одлично проиграа.

 

 

Вториот дел не донесе четири гола, но сепак имаше многу возбудувања. Интер уште еднаш ја искористи предноста во физичките предиспозиции и од еден корнер, преку Дамфрис повторно дојде до водство од 3-2. Една минута подоцна Рафиња се погрижи за ново израмнување откако испрати бомба, топката удри во пречката, па во главата на Сомер и заврши во мрежата на Интер за конечни 3-3.

Во натамошниот дел од мечот Интер постигна уште еден гол преку Мкитарјан, но тој беше поништен поради минимален офсајд. На другата страна Јамал изведе уште еден спектакуларен потег, но за малку не го совлада Сомер и топката заврши во пречката.

Реваншот се игра во вторник во Милано, а љубителите на фудбалот ќе ги бројат часовите до дуелот кој може да биде уште едно големо уживање.