Почина Николче Здравески - легенда на Победа и репрезентативец на Македонија!

Прилеп и македонскиот фудбал загубија вистинска легенда – Николче Здравески, кој почина синоќа на 54-годишна возраст.

Неговата смрт го потресе спортскиот свет, особено ФК Победа со која беше нераскинливо поврзан низ целиот свој живот. Здравески остави длабока трага како капитен на прилепскиот тим, водејќи го клубот до првата шампионска титула во независна Македонија. Подоцна, како тренер, го донесе и вториот трофеј во клубските витрини. Неговиот потпис стои и зад епските дуели со италијанската Парма во 2000 година – пресметки што останаа запаметени како едни од најзначајните за македонскиот фудбал, во кои гостуваа фудбалски великани како Буфон, Канаваро, Аморозо и Турам.

Речиси целиот свој фудбалски пат Здравески го помина во Победа – како играч, капитен, тренер, а подоцна и како координатор на младинската академија, но играше и за Вардар со кого во 1998 година го освои Купот на Македонија и притоа постигна еден од двата гола во победата во финалето против Слога (2-0). Како тренер, кратко време го водеше и тимот на 11 Октомври во Првата лига, а во 2007 година беше прогласен за најдобар тренер од страна на Фудбалската федерација на Македонија. Покрај клупските успеси, Здравески го облече и дресот на македонската репрезентација, за која настапи на два пријателски натпревари – против Албанија и Азербејџан.

Остана запаметен како симбол на верност, посветеност и успех во фудбалот на Прилеп и Македонија.