Остапенка ги преслуша двете најдобри, па теренот го напушти возејќи ново Порше (ВИДЕО)

Јелена Остапенко изненадувачки триумфира на турнирот во Штутгарт, откако во денешното финале ја совлада првата тенисерка на светот, Арина Сабаленка и тоа ептен убедливо (6-4, 6-1).

Летонката доминираше на турнирот, а освен пехарот, како награда доби и нов автомобил од марката Порше. Таа по финалето теренот го напушти возејќи го својот нов автомобил.

„Арина, веројатно сега многу ме мразиш, знам колку го посакуваше автомобилот. Сигурна сум дека ќе го освоиш некој друг пат. Секогаш е задоволство да се игра со тебе, вистински си шампион“, изјави Остапенко по финалето.

Сабаленка, која четврти пат во последните пет години загуби финале во Штутгарт, призна дека посакувала да го освои Поршето.

„Честитки до Јелена и нејзиниот тим. Уживај во возењето. Јас можам да си дозволам еден, па ќе си купам ваков, бидејќи тоа изгледа е единствениот начин да го имам“, изјави Белорусинката низ шега.

Остапенко на патот до титулата славеше и против втората на ВТА-листата, Ига Швјонтек, уште во четвртфиналето, што беше уште еден голем успех. Интересно е што против Полјачката води со 6-0 во меѓусебните дуели. Двете тенисерки се наоѓаат во ист дел од ждрепката и на претстојниот Мастерс во Мадрид, каде што можат повторно да се сретнат во четвртото коло.

ФОТО: Porsche-tennis.com