
Ц. Звезда ни доаѓа со „српскиот Меси“ и со тинејџерот кој може да заигра за Македонија!
Во составот на белградскиот клуб се наоѓаат 20 фудбалери, меѓу кои се и талентираните Андрија Максимовиќ и Василије Костов, кои се сметаат за иднини ѕвезди на црвено-белиот гигант, па разбирливо е што предизвикуваат најголем интерес кај македонската публика. Првиот, кој е наречен „српскиот Меси“, има само 17 години, но веќе е важен дел од тимот. На последното дерби против Партизан постигна гол од пенал и беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, а неговата вредност изнесува 10 милиони евра.
Шеснаесетгодишниот Костов, пак, неодамна дебитираше во српската лига против ОФК Београд, игра на позицијата среден ред и потекнува од младинската школа на Црвена ѕвезда. Посебен интерес предизвикува фактот што поседува и македонско државјанство, што отвора можност во иднина да настапува за македонската репрезентација. Сепак, негов настап за Македонија изгледа малку веројатен, бидејќи Србија веќе го има вклучено во својата репрезентација до 19 години.
Покрај нив, во тимот на Црвена ѕвезда се и Омри Глазер, Иван Гутеш, Вељко Милосављевиќ, Милан Родиќ, Јунг Ву Сеол, Ебенезер Анан, Страхиња Стојковиќ, Мамаду Фал, Кеимер Сандовал, Раде Круниќ, Тими Макс Елшник, Гелор Канга, Јован Шљивиќ, Ѓорѓе Ранковиќ, Лука Илиќ, Александар Катаи, Бруно Дуарте и Урош Сремчевиќ.
Целиот приход од овој меч ќе оди во фондот за помош на загинатите и повредените во Кочани.