Денот кога Црвена Звезда како европски шампион потона во Скопје... (ВИДЕО)

По 30 години, српскиот и југословенски гигант Црвена Звезда денеска ќе гостува во Скопје, но повозрасните навивачи на Вардар се уште се сеќаваат на дуелот на овие две екипи одигран во 1991 година.

Во првото коло од последната сезона во југословенското фудбалско првенство, на 11 август 1991 година, „црвено-белите“ дојдоа на Градскиот стадион, тогаш како актуелни континентални прваци откако нешто повеќе од два месеца претходно во Бари ја освоија титулата во Купот на европски шампиони. Во Скопје ги дочекаа околу 15 илјади гледачи, а Вардар, како повратник во Првата лига, приреди сензација за која пишуваа и објавуваа и европските медиуми.

Македонската гордост победи со 1-0, со голот од пенал на Бобан Банунски во 85. минута, тимот го предводеше Ѓоко Хаџиевски, а во стартната постава беа: Љупчо Марковски (капитен), Синиша Лучиќ, Влатко Костов, Љупчо Наумовски, Гајур Садики, Антонио Филевски, Бобан Бабунски, Јовче Џипунов, Васко Гунев, Саша Ќириќ и Стојмир Урошевиќ.

Тренер на Црвена Звезда беше Владица Поповиќ кој тоа лето го замени Љупко Петровиќ, по освоената титула во КЕШ. Костурот на екипата го сочинуваа играчите кои триумфираа во Бари, тука беа Дарко Панчев и Илија Најдовски, тогаш во Звезда се пресели и Митко Стојковски, а играа Милојевиќ, Радиновиќ, Белодедиќ, Југовиќ, Михајловиќ, Савичевиќ итн. Дел од овие фудбалери и вечерва ќе се појават на Градски, како ветерани на Црвена Звезда и секако ќе бидат топло поздравени од скопската публика во која има и многу навивачи на некогашниот европски првак.